Трето годишно собрание на Викимедија Македонија

Третото годишно собрание на Викимедија Македонија, кое го свика Извршен одбор, се одржа на 17 септември 2013 година, во „Деус“, Скопје. Беа уредно поканети на лична електронска пошта сите 15 членови, со следниот:

ДНЕВЕН РЕД

1. Усвојување на Записникот од минатото собрание

2. Дискусија по предлог измените во Статутот на Здружението, и нивно усвојување

3. Дискусија за проширување на активностите на Здружението

4. Разно


Собранието едногласно ја избра Снежана Штрковска како Претседавач со Собранието, со право да ја води седницата и да ги потпише сите донесени одлуки на ова Собрание. Снежана Штрковска го водеше Собранието.

Двајца најавија отсуство: Милош Столиќ (не е во државата), Слободан Јаќоски (обврски).

Присутни: Кирил Симеоновски, Игор Кузмановски, Снежана Штрковска, Василка Димитровска, Зоран Мечкарски, Игор Саздовски, Тони Ристовски

При утврдување на Дневниот ред, беше предложена и точка: промена на претседателот, која беше прифатена од сите присутни, како дел од точката „Разно“. Потоа Собранието започна со својата работа.

На Собранието беа донесени следниве одлуки:

  1. Се укинува функцијата потпретседател на Здружението, како нефункционална.
  2. Се укинуваат регионални и стручни одбори.
  3. Во Член 20 од Статутот се додава: „Седниците на Собранието ќе ги води Претседавач, избран на седница на Собранието.“
  4. Сите мандати се кратат, и сега изнесуваат две години.
  5. Се бришат термините „редовни“, „соработници“ и „почесни“. Сите членови на Здружението се само „членови“.
  6. Во Член 22 се дефинира бројката на задолжително присутни на Собрание на овој начин: мнозинство од членовите на Извршен одбор плус најмалце тројца членови кои не се дел од Извршен одбор
  7. Се додава нов Член кој гласи: „Претседателот на Извршниот одбор го заменува Претседателот на Здружението во негово отсуство.“
  8. Член 26, ставка 6, што се однесува на гласањето на ИО, се менува во: „Извршниот одбор одлуките ги донесува со мнозинство гласови на своите членови, а одлуката се смета за донесена со прием на најмалку три гласа пратени по електронска пошта.“
  9. Во Член 28, каде се набројани задачите на ИО, се вметнува дека ИО може да исклучува членови од мејлинг листата на Викимедија.
  10. Член 33, ставка 2 се менува и гласи: „Претседателот на Здружението го застапува Здружението, а заедно со Претседателот на Извршниот одбор ги потпишуваат сите финансиски документи во име на Здружението.“
  11. Се додава во Статутот дека Претседателот на Здружението и Претседателот на ИО мора да се различни луѓе.
  12. Во Член 35 се додава: „Средствата на Здружението можат да се користат исклучиво за цели дефинирани со Статутот на Здружението, и според програмските планови и проекти. Исплатата на надоместоци на членовите на Здружението, како и на надворешни соработници, се врши според одлуките донесени од Извршниот одбор.“
  13. Во Член 39 се менува начинот на известување на членовите на Здружението за работата на Здружението, и гласи: „преку електронска пошта“.
  14. Член 49 се менува и гласи: „Овој Статут стапува во сила со денот на неговото донесување.“
  15. Се вметнува интернет адресата на Здружението во Статутот, како официјална адреса на Здружението.
  16. Оставка од ИО на Слободан Јаќоски е усвоена.
  17. Зоран Мечкарски едногласно е избран за нов член на ИО.
  18. Игор Саздовски и Тони Ристовски, едногласно беа изгласани како двајца членови на ИО кои имаат право да дискутираат, да даваат предлози и сугестии, но нема да се брои нивниот глас кога се донесуваат одлуки.
  19. Василка Димитровска е вратена на листата на Викимедија.
  20. Димче Грозданоски едногласно е сменет од функцијата претседател на Здружението Викимедија Македонија
  21. Димче Грозданоски е исклучен од мејлинг листата на Викимедија
  22. Со сите гласа „ЗА“ и ниеден „против“ Кирил Симеоновски е избран за Претседател на Здружението на граѓани, Викимедија Македонија.
  23. Се менува седиштето на Здружението, кое сега гласи: ул. Бул.ЈНА бр.24/2-8 Скопје
  24. Снежана Штрковска е изгласана да биде претседател на ИО, од присутните четворица членови на ИО
  25. Да се однесе потпишана од сите присутни Одлука до Про кредит банка, каде што се наоѓа сметката на Здружението, да ја замрзне сметката на Викимедија Македонија, до донесување официјален писмен документ за новите потписници на сметката на Викимедија Македонија.

Записник од седницата на Третото годишно Собрание