Записник од седницата на Третото годишно Собрание

З А П И С Н И К

Од Третото годишно собрание на Викимедија Македонија, кое го свика Извршен одбор, и кое се одржа на 17 септември 2013 година, во „Деус“, Скопје. Беа уредно поканети на лична електронска пошта сите 15 членови, со следниот:

Д Н Е В Е Н Р Е Д


1. Усвојување на Записникот од минатото собрание Линк до Записникот: http://mk.wikimedia.org/wiki/%D0%97%D0%B0%D0%BF%D0%B8%D1%81%D0%BD%D0%B8%D0%BA_%D0%BE%D0%B4_%D1%81%D0%B5%D0%B4%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B0%D1%82%D0%B0_%D0%BD%D0%B0_%D0%A1%D0%BE%D0%B1%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D0%B5%D1%82%D0%BE

2. Дискусија по предлог измените во Статутот на Здружението, и нивно усвојување

3. Дискусија за проширување на активностите на Здружението

4. Разно


Двајца најавија отсуство: Милош Столиќ (не е во државата) Слободан Јаќоски (обврски).

Присутни: Кирил Симеоновски Игор Кузмановски Снежана Штрковска Василка Димитровска Зоран Мечкарски Игор Саздовски Тони Ристовски

Собранието едногласно ја избра Снежана Штрковска како Претседавач со Собранието, со право да ја води седницата и да ги потпише сите донесени одлуки на ова Собрание. Снежана Штрковска го водеше Собранието.

При утврдување на Дневниот ред, беше предложена и точка: промена на претседателот, која беше прифатена од сите присутни, како дел од точката „Разно“. Потоа Собранието започна со својата работа.


Точка 1: Усвојување на Записникот од минатото собрание

Збор зеде Снежана Штрковска, која на присутните накратко им ги пренесе новините усвоени на минатото Собрание. Сите присутни го усвоија Записникот од минатото собрание.

Точка 2: Дискусија по предлог измените во Статутот на Здружението, и нивно усвојување

Се започна со читање на предлог промените во Статутот. Прва на ред беше адресата на Здружението, ул.Владимир Комаров бр.1-А-4/42 Скопје. Снежана Штрковска објасни дека поштенски фах како официјална адреса беше предлог од Фондацијата, но адвокатката Мира Радовановиќ, која е ангажирана за измените на Статутот, извести дека според Законот во Македонија, Здружението не може да биде регистрирано на поштенски фах.

Игор Кузмановски: предложи сепак да се земе поштенски фах, затоа што е згодно, бидејќи повеќемина ќе имаат пристап до поштата.

Кирил Симеоновски се надоврза дека Здружението мора да има адреса, но може да се земе и поштенски фах. Василка Димитровска праша дали адресата што е седиште на Здружението мора да биде во Македонија, на што беше потврдно одговорено. Игор Кузмановски предложи овој дел со адресата да го ставиме на крај, што беше прифатено од сите присутни.

Василка Димитровска се осврна на Член 5, ставка 1 од Статутот, кој гласи: „Здружението е независно.“ Постави прашање дали ова треба да стои во Статутот. Кирил Симеоновски и Игор Саздовски речиси истовремено одговорија дека треба да стои, бидејќи тоа означува дека Здружението не зависи од никого, дури ни од матичната Фондација чие име го носи Здружението.

Зоран Мечкарски укажа на печатна грешка, имено испуштена е буквата `У` во зборот „Здружението“, во реченицата пред Член 19.

Се премина на анализа на Член 19, органи на Здружението. Предлогот е да се укинат: потпретседатели, регионални одбори и стручни одбори. Надзорен одбор веќе е укинат на минатото Собрание.

Кирил Симеоновски објасни дека многу ставки во сегашниот Статут се преземени од туѓ Статут, но не соодветствуваат со нашите потреби, па го поддржа предлогот да се укине функцијата `потпретседател`.

Тони Ристовски: се осврна на нефункционалноста на оваа функција, и заклучи дека е ставена во Статутот заради нечија суета, на што се надоврзаа Василка Димитровска и Игор Кузмановски дека при основањето на Здружението за да им се угоди на сите што помогнаа да се формира Здружението, ставени се функции кои сега се непотребни.

Се премина на гласање за укинување на функцијата `потпретседател`. Едногласно беше изгласано дека се укинува.

Потоа се премина на гласање за укинување на регионални одбори и стручни одбори. Едногласно беше изгласано дека се укинуваат.

Се премина на анализа на Член 20, каде се додава ставката: „Седниците на Собранието ќе ги води Претседавач, избран на седница на Собранието.“

Василка Димитровска образложи дека ова е практично решение, со што сите се согласија. Се усвои додавањето на таа ставка.

Мандатот на Претседателот на Здружението, како и на сите останати функции, се крати на две години – едногласно усвоено.

Снежана Штрковска објасни дека според советот на адвокатката, зборовите `со право на реизбор` не мора да се додаваат, бидејќи се подразбираат, но ако се додаде `со право на реизбор`, тогаш треба да се нагласи колку пати некој има право на реизбор. Сите се согласија дека не мора да се додава тој израз.

Ставката: Собранието на Здружението го свикува Претседателот на Здружението или една петина од членовите. Се надополнува со: „или Извршен одбор“.

Оваа измена е усвоена од сите.

Се премина на анализа на термините: „редовни членови, соработници и почесни членови“. Василка Димитровска предложи да се укине терминот „редовни“. Игор Кузмановски предложи да остане терминот „почесен член“, на што се надоврза Кирил Симеоновски кој укажа дека Џими Велс е почесен член во многу ограноци.

Зоран Мечкарски укажа дека во други здруженија каде се плаќаат членарини, оној што плаќа се смета за редовен член.

На крајот од дискусијата сите присутни се согласија да се избришат термините „редовни“, „соработници“ и „почесни“, а да остане само зборот „членови“, бидејќи во ставка 10 од Член 21 е опфатена можноста Собранието да додели награди и признанија.

Член 21, ставка 6, кој гласи: „Усвојување на финансиски план и усвојување на програма за работа“ Се дополнува со: „и разгледување на финансиски извештај“.

Се бришат ставките 7, 8 и 9 од Член 21.

Се премина на дискусија по Член 22, делот во кој се вели: „Бројот на членови неопходни за полноправно одлучување на Собранието...“ Овде се разви голема дискусија околу тоа дали треба да се одреди бројот на присутни на Собрание за да биде тоа полноправно.

Тони Ристовски: предложи дека е добро да стои бројка на присутни членови, со што се согласи и Василка Димитровска, која истакна дека не може да биде полноправна одлука на Собрание ако се појават само тројца членови, на пример.

Снежана Штрковска укажа дека постои предлог од адвокатката да ставиме дека половина од членовите треба да се присутни на Собрание за да биде тоа полноправно, но дека во таков случај имаме проблем со пасивните членови, кои со години не доаѓаат ниту учествуваат во работата на Здружението. Таквите членови тогаш би требало да се избришат од списокот на членови на Здружението.

Игор Кузмановски потврди дека има членови кои се вклучени од самото формирање на Здружението, а никој не ги знае. На што се надоврза Игор Саздовски, кој истакна дека ако некои членови се неактивни од самото нивно вклучување во Здружението, не е во ред сè уште да се бројат како членови.

Тони Ристовски предложи да им се понуди можност на сите пасивни членови да се активираат пред да биде донесена одлука да бидат избришани од регистерот на членови.

Зоран Мечкарски истакна дека може да не се најдат 50% од сите регистрирани членови во Здружението за да може да се одржи Собрание, што ќе претставува проблем во иднина. Додаде дека е член на друго НВО, каде се случуваат опструкции во врска со списокот на членови. Тој истакна дека доколку полноважноста на Собранието зависи од процентот на присутни од бројот на сите членови, треба да се внимава кој има пристап до листата со членови.

Тони Ристовски се согласи дека е добро да стои бројка на членови кои треба да се присутни за да се одржи Собрание, за да не се случи тројца да дојдат и да донесуваат одлуки за целото Здружение.

Игор Кузмановски рече дека се согласува да стои дека е потребно „мнозинство“ од членовите да се присутни на Собрание, но во таков случај да се избришат пасивните членови.

Кирил Симеоновски пак, укажа на можна ситуација во иднина ако се зголеми бројот на членови на Здружението, повторно ќе има проблем со присуство на половина од членството. Потоа Кирил заедно со Василка Димитровска предложија да се дефинира бројката на задолжително присутни на Собрание на овој начин: мнозинство од членовите на Извршен одбор плус најмалце тројца членови кои не се дел од Извршен одбор.

Овој предлог беше усвоен од сите присутни членови.

Потоа се премина на натамошно разгледување на измените во Статутот.

Член 23 ставка 3 – се брише.

Се додава нов Член кој гласи:

„Претседателот на Извршниот одбор го заменува Претседателот на Здружението во негово отсуство.“

Член 24 и Член 25 – се бришат.

Член 26, ставка 6, што се однесува на гласањето на ИО, се менува во:

„Извршниот одбор одлуките ги донесува со мнозинство гласови на своите членови, а одлуката се смета за донесена со прием на најмалку три гласа пратени по електронска пошта.“

Од Член 27 се менува времетраењето на мандатот на ИО, кој сега станува – две години.

Кирил Симеоновски предложи да се внесе во Статутот дека избор на претседател на Здружението и членови на Извршен одбор да не се врши во исто време. Василка Димитровска го поддржа предлогот додавајќи дека е најдобро да се бираат во различни години. Сите присутни гласаа ЗА да се вметне овој услов во Статутот.

Од Член 29 се менува времетраењето на мандатот на Претседателот на ИО, кој сега станува – две години.

Член 30, 31 и 32 со претходно гласање веќе се избришани.

Член 33, ставка 2 се менува и гласи: „Претседателот на Здружението го застапува Здружението, а заедно со Претседателот на Извршниот одбор ги потпишуваат сите финансиски документи во име на Здружението.“

Снежана Штрковска објасни дека оваа опција со „врзани потписи“, која ја применуваат многу други Здруженија, е практична. Василка Димитровска потврди дека во Здружението во кое таа членува, Хаемус, исто така функционираат со два врзани потписа. Игор Кузмановски се согласи дека е ова опција која не дава можност за манипулирање со сметката и парите. Сите се изјаснија ЗА менувањето на ставка 2 од Член 33.

Во овој контекст, Василка Димитровска укажа дека во Статутот мора да се вметне дека Претседателот на Здружението и Претседателот на ИО мора да се различни луѓе. Овој предлог беше прифатен од присутните.

Се премина на разгледување на измените во Член 35. По кусо размислување околу употребените термини, се дојде до оваа замена за Член 35, која се изгласа од сите присутни: „Средствата на Здружението можат да се користат исклучиво за цели дефинирани со Статутот на Здружението, и според програмските планови и проекти. Исплатата на надоместоци на членовите на Здружението, како и на надворешни соработници, се врши според одлуките донесени од Извршниот одбор.“

Во Член 39 се менува начинот на известување на членовите на Здружението за работата на Здружението, и гласи: „преку електронска пошта“.

Член 49 се менува и гласи: „Овој Статут стапува во сила со денот на неговото донесување.“

Откако заврши разгледување на Статутот, се поставија неколку дополнителни предлози. Василка Димитровска: официјална адреса на Здружението е и интернет адресата, па побара таа да биде вметната во Стаутот. Овој предлог го усвоија сите присутни.

Точка 3: Дискусија за проширување на активностите на Здружението

Прва дискусија по оваа точка беше поднесувањето на оставка од ИО на Слободан Јаќоски. Оставката беше усвоена.

Василка Димитровска предложи да се воведе потпишување изјава на Нотар при давање оставка. Овој предлог го поддржа Кирил Симеоновски, но не беше поддржан од Снежана Штрковска и Игор Кузмановски, кои укажаа дека тоа е непотребна активност и непотребни трошоци. Зоран Мечкарски додаде дека не постои можност за оспорување на оставката за да треба да се оди на Нотар, посебно што Слободан сам ја поднесува. На крајот од дискусијата, не се усвои предлогот.

Се пристапи на бирање нов член на ИО. Василка Димитровска рече дека не би прифатила да биде член на ИО, иако има време за оваа должност. Но истакна дека поради својата директна природа, смета оти е подобро да не е член на ИО, за да не се случи да влезе во конфронтации со останатите членови на ИО.

Игор Кузмановски го предложи Зоран Мечкарски како нов член на ИО, а предлогот го поддржа и Снежана Штрковска. Зоран Мечкарски се изјасни дека прифаќа да биде член на ИО, при што се премина на гласање. Зоран Мечкарски едногласно е избран за нов член на ИО.

Снежана Штрковска го постави предлогот да се вметнат уште двајца членови на ИО, кои ќе бидат вклучени во листата на ИО, ќе имаат право да дискутираат, да даваат предлози и сугестии, но нема да се брои нивниот глас кога се донесуваат одлуки. Таа истакна дека оваа практика ја сретнала во извршните одбори од некои комитети на Фондацијата Викимедија, и не е лоша идејата да се спроведе и во Македонија. Потоа, овие двајца членови кои ќе бидат активно вклучени во дискусиите на ИО, при откажување на некој од петорицата членови на ИО, ќе бидат први кандидати за членови чиј глас е одлучувачки.

Предлогот го поддржаа Кирил Симеоновски, Игор Кузмановски и Василка Димитровска, кои укажаа дека е добро да се изберат сега уште двајца кои ќе бидат дел од ИО, и ќе бидат критичка маса.

Предложени беа Игор Саздовски и Тони Ристовски, кои потоа беа едногласно изгласани.

Започна дискусија поврзана со мејлинг листите на Викимедија и Википедија. Кирил Симеоновски истакна дека не може да се меша кои членови треба да се присутни во едната, а кои во другата листа. На прашањето на Василка Димитровска кога ќе биде вратена во листата на Викимедија, Кирил Симеоновски предложи да гласаме да се врати Василка на листата на Викимедија, бидејќи сепак е член на Здружението, а веќе долго време нема увид во работата на Здружението, што пак се коси со Статутот.

Василка Димитровска предложи основачите на Здружението да бидат присутни во двете листи – Викимедија и Википедија, или пак да се отвори нова листа. Снежана Штрковска забележа дека Здружението нема право да одлучува за листата Википедија.

Потоа се премина на гласање за враќање на Василка на листата на Викимедија. Едногласно беше усвоено нејзиното враќање на листата.

Точка 4: Промена на претседателот и разно

Збор зеде Кирил Симеоновски, кој рече дека нема да се навраќа пред јуни 2013 година, тоа веќе беше дискутирано на минатото Собрание, туку ќе изнесе дел од жалбите против претседателот Димче Грозданоски, а се однесуваат од јуни 2013 година па наваму, откако Димче се повлече од ИО и изјави дека нема да ја попречува работата на Здружението. Ги спомена проектите на Мета, каде секој може да поставува прашања, како и пријавувањето на проектот „Wiki Loves Monuments“ од страна на Викимедија Македонија. Кирил истакна дека главен критичар на страницата за разговор беше Димче, при што беше и опоменат од луѓето на фондацијата да не се нафрла со критики врз Кирил. Потоа Кирил го изрази своето разочарување што Димче пишал дека проектот е пријавен без одлука на ИО, и разочарувањето од фактот што Димче користел информации од мејлинг листата како оружје против членството. Имаше критики и лични навреди, дури и дека се работи нелегално, истакна Кирил. На крајот Кирил Симеоновски предложи да се разреши Димче Грозданоски од функцијата претседател на Здружението, но и да се разреши како член на ВММК, бидејќи не е згодно човек кој саботира да има увид во натамошната работа на Здружението, и додаде дека нема против што Димче си работи за себе во проекти и членува по комисии со декани на факултети, но се плаши дека присуството на Димче на мејлинг листата на Викимедија само ќе ја кочи работата на Здружението.

Василка Димитровска истакна дека таа за недоличен речник беше казнета со исфрлање од листата, а тоа е многу помал прекршок посебно што никогаш не работела против Викимедија. Се заложи ЗА исфрлање на Димче Грозданоски од листата на Викимедија.

Игор Кузмановски зеде збор, истакнувајќи дека на последното Собрание Димче остана на местото претседател затоа што некои членови на Собранието сметаа дека „нема друг кандидат“. Игор додаде дека сепак е изненаден од однесувањето на претседателот, кој според Статутот треба да извршува функција, а не сакаше ништо да заврши. Игор потенцираше дека гласа за смена на Димче Грозданоски, прво од функцијата, па ако направи повторно нешто погрешно, ИО има можност да го отстрани од членството во секое време.

Василка Димитровска искоментира дека таа се залага да не се создаде шанса за Димче Грозданоски да греши уште.

Игор Саздовски: го изнесе својот став дека Димче не треба да остане на функцијата претседател, а Тони Ристовски смета дека не треба да се исфрли Димче од листата Викимедија додека не згреши повторно.

Снежана Штрковска зеде збор и посочи на неколку лаги кои Димче Грозданоски ги има искажано јавно. Прво, на листата на Викимедија каде тврдеше дека „никаде во Статутот не стои дека ИО може да му даде задолжение на Претседателот“, што е чиста спротивност на Член 23, ставка 2. Второ, Димче пишал дека „работата во Здружението е на доброволна основа“, а Член 15 го негира ова. Трето, на страницата за разговор на мета, Димче пишал дека „не е единствениот потписник на сметката“ – што е повторно лага, искажана без совест. Снежана истакна дека гласа Димче Грозданоски да биде сменет од функцијата претседател на Здружението.

Потоа се пристапи кон гласање. Сите присутни гласаа и изгласаа сменување на Димче Грозданоски од функцијата претседател на Здружението Викимедија Македонија.

Натаму членовите на Собранието продолжија со дискусијата дали треба Димче Грозданоски да биде отстранет од листата на Викимедија. Василка Димитровска го изнесе својот став да му биде забрането на Димче да биде на мејлинг листата. Зоран Мечкарски гласно се праша што може да стори Димче ако има пристап до информациите споделени на листата Викимедија, на што Снежана Штрковска му одговори дека после недоличното однесување кое досега го покажал Димче Грозданоски, таа лично очекува дека на мејлинг листата ќе создава кавги и спротивставувања. Тони Ристовски искоментира дека на мета не може да му се забрани да коментира по повод некои наредни проекти.

Натаму, Зоран Мечкарски додаде дека листата на Викимедија не е регулирана со Статутот, но смета дека ако нов член на Здружението автоматски добива пристап во листата Викимедија, затоа што ИО изгласал да стане член, тогаш е логично дека ИО исто така може да избрише некого од листата на Викимедија. Тони Ристовски предложи да се остави на ИО да го регулира влегувањето и бришењето од листата на Викимедија.

Кирил Симеоновски коментираше дека ИО треба да има на ум дали новиот член ќе ја користи совесно листата, и дека ако некој е конфликтна личност, треба да не се дозволи ни членство во ВММК. Кирил поднесе барање до Собранието да се вметне во член 28, каде се набројани задачите на ИО, дека ИО може да исклучува членови од мејлинг листата на Викимедија, што беше прифатено од сите.

Се пристапи кон гласање за исклучување на Димче Грозданоски од мејлинг листата на Викимедија. Сите присутни изгласаа Димче Грозданоски да биде исклучен од листата на Викимедија, но не и од членството во Здружението.

Игор Кузмановски предложи нов претседател да биде Кирил Симеоновски, кој е активен во ВММК, но бил активен и до јуни 2013 година. Игор Саздовски го поддржа предлогот, и нагласи дека Кирил го познава лично и професионално. Снежана Штрковска, го поддржа Кирил Симеоновски како предлог за нов претседател, и нагласи дека треба сите да имаат на ум дека не бираме доживотен претседател, туку човек кој сега треба да ја преземе функцијата претседател на Здружението.

Тони Ристовски исто така го поддржа предлогот да биде Кире претседател, истакнувајќи дека го цени како човек, кој има влијание во Википедија заедницата.

Зоран Мечкарски констатира дека откако најмалку тројца го поддржаа предлогот, да се премине на гласање.

Со сите гласа „ЗА“ и ниеден „против“ Кирил Симеоновски е избран за Претседател на Здружението на граѓани, Викимедија Македонија.

Откако беше изгласан, Кирил Симеоновски се заблагодари на укажаната доверба, но нагласи дека не е добро неговата домашна адреса да биде седиште на Здружението. Сите се согласија дека официјалната адреса на Здружението не треба да биде домашната адреса на Претседателот на Здужението, со што ќе се избегне шанса за злоупотреба на претседателската функција. Со ова се отвори темата за тоа која адреса да биде седиште. Снежана Штрковска понуди адресата од нејзината лична карта (ул. Бул.ЈНА бр.24/2-8 Скопје) да биде седиште на Здружението, што беше прифатено од сите присутни.

За крај, Собранието донесе уште две одлуки: Снежана Штрковска е изгласана да биде претседател на ИО. Претседател на ИО бира ИО според Статутот, но бидејќи на Собрание се присутни четворица членови на ИО, значи мнозинство на ИО, оваа одлука е полноважна.

Собранието донесе и потпиша Одлука во која се бара од Про кредит банка, каде што се наоѓа сметката на Здружението, да ја замрзне сметката на Викимедија Македонија, до донесување официјален писмен документ за новите потписници на сметката на Викимедија Македонија.