2012.01.17. Поддршка на вики заедницата на Википедија на англиски јазик (en.wikipedia.org) во протестот против предлог законот SOPA и PIPA, за кои се цени дека доколку бидат усвоени ќе доведат до нарушување на слободниот проток на информации на Интернет. Со оглед на тоа што САД се земја во која се сконцентрирани поголемиот дел од бизнисите и организациите чија работа е директно поврзана со Интернет, овие промени во законската регулатива би имале големо влијание врз целиот свет. Уште повеќе слободата на изразување во многу делови на светот во голема мерка зависи од ставот на властите во САД во корист на таа слобода. Усвојувањето на законите како SOPA и PIPA би поставило опасен преседан и би имало негативни импликации во голем број од останатите земји во светот, посебно во оние каде што слободата на изразување и така не е на завидно ниво. (повеќе...)
2011.10.06. Подршка на вики заедницата на Википедија на италијански јазик во врска со нивниот став околу предложениот закон во италијанскиот Сенат познат како „Wiretapping Act“, параграф 29, кој ги нарушува вообичаените стандарди на слобода на говорот во нашата цивилизација. Викимедија Македонија целосно го поддржува протестот на вики-заедницата на Википедија на италијански јазик и се надева дека италијанскиот Сенат ќе се повлече од намерата да го усвои предложениот закон како што е предложен. Викимедија Македонија ги повикува другите локални ограноци на Викимедија, како и Фондацијата Викимедија, да направат конкретни чекори во насока на издејствување на Одлука со која Италијанскиот Сенат и влада ќе го повлечат овој предлог или ќе направат измени на истиот со кои ќе ги испочитуваат основните стандарди на слобода на говорот. (повеќе...)
2011.10.04. 50.000 статии на Википедија на македонски јазик, претставува важен јубилеј во историјата на проектот. Статијата со која се достигна бројката е за перуанската покраина Акомајо, создадена во неделата, во 13:26 часот, од страна на корисникот MacedonianBoy. Веќе утредента пристигна честитка од Џими Велс, основачот на Википедија: „Википедија постои бидејќи милиони луѓе го даваат својот мал придонес за светот да има слободен пристап до информации. Честитки до сите Википедијанци кои одвоија време да им обезбедат витални информации на говорниците на македонски јазик. Ги повикувам сите да им се приклучат и да помогнат енциклопедијата да ги достигне и следните 50.000 статии“. Википедија на македонски јазик ја пишуваат волонтери од целата земја, но и од дијаспората. Некои од нив посветуваат часови од своето слободно време на уредување на содржините на енциклопедијата. Корисници со најголем број на уредувања се Никола Стојаноски од Тетово и Александар Поповски од Струмица, кои уредуваат од 2007 година. Александар започнал да уредува бидејќи барал дополнителни информации за светската историја, кои ги немало на македонски јазик: „По четири изминати години можам да кажам дека лично поседувам многу повеќе знаење не само од областа на историјата, туку и од културата на разни народи и цивилизации“. „Википедија имаше едвај 15.000 статии кога јас се приклучив на тимот. Доволно долго следев како се развива проектот и денес со гордост можам да кажам дека успеавме да дадеме солидна подлога за понатамошниот развој на првата слободна енциклопедија на македонски јазик“, вели Никола Стојаноски. Тој, како и сите други македонски Википедијанци, се радува на досега сработеното и се надева дека во иднина кон проектот ќе се приклучат многу повеќе вики-ентузијасти. „Википедија на македонски јазик е дело на вредни уредувачи од најразлични стручни профили ангажирани на доброволна основа кои секојдневно се грижат за зголемување на слободните содржини и нивното подобрување. Зголемувајќи го фондот на информации кои слободно се споделуваат правиме знаењето да биде слободно и достапно до сите." - вели Димче Грозданоски, претседател на Викимедија Македонија, повикувајќи ја македонската јавност да земе што помасовно учество во проектот. (повеќе...)
2011.05.03. Соопштение за јавноста во врска со „Отчетот за работење на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 2006-2011“, проектот „Зголемување на македонските содржини на Википедија“ (стр. 171 од Отчетот) и извесни реакции и недоумици во јавноста, Викимедија Македонија укажува на некои, се надеваме, ненамерни пропусти и недоречености. Во моментот кога е потпишан меморандумот за овој проект на Министерството за информатичко општество, Википедија на македонски јазик имаше околу 35.000, а не 16.000 статии. Овие статии се создадени од македонската вики-заедница, која ја сочинуваат повеќемина доброволци кои секојдневно не само што додаваат нови содржини, туку и ги подобруваат постоечките, како квантитативно, така и квалитативно. Можеме слободно да кажеме дека и по потпишувањето на меморандумот, оваа заедница која макотрпно и несебично се залага за развојот на Википедија на македонски јазик, е заслужна за најголемиот број на нови статии до денешниот датум (вкупно над 45.000). Помал дел од статиите се резултат на самоиницијативниот ангажман на повеќе професори и асистенти од државните и приватните високообразовни институции кои, во соработка со студентите, придонесувале за развојот на Википедија на македонски јазик и пред потпишувањето на меморандумот. Тешко може да се утврди до која мера потпишувањето на меморандумот влијаело врз ангажманот на овој и друг наставен универзитетски кадар, но секако, се надеваме дека во иднина, проектот на МИО, кој опфаќа повеќе државни и приватни институции, ќе биде успешен и ќе даде повеќе резултати. (повеќе...)
2011.01.15. 10 години Википедија. Слободната енциклопедија која секој може да ја уредува прослави десетгодишнина. Организирани се настани и мрежни активности за да се одбележи овој ден. Википедија денес е петта најпосетена веб-страна во светот, со 410 милиони читатели месечно (comScore, ноември 2010). Денес, со над 17 милиони статии на 270 јазици (бројот постојано расте), Википедија е единствената топ 10 веб-страна во светот која е вистински создадена, поддржана и оддржувана од корисниците. За време на последните 10 години, стотици илјади луѓе придонесоа со повеќе од една милијарда уредувања за овој витален ресурс. Википедија е од нас, за нас. Затоа, по повод 10 години Википедија, волонтери од целиот свет, на повеќе од 230 локации, на сите 5 континенти, го прославуваат 10-тиот роденден на Википедија. 10 години Википедија ќе се просалвува и на Интернет: на Facebook, со организирање на видео конференции на 7 локации, мрежни комуникации со посредство на Skype, IRC и QQ. И во Скопје, главниот град на Македонија, во организација на Викимедија Македонија, поддржана од повеќе организации, групи и поединци, ќе се одржуваат повеќе настани да се одбележи овој исклучителен јубилеј. Централниот настан ќе се одржи во Старата чаршија, срцето на градот и многувековен амалгам на различни култури и религии. (повеќе...)