Викимедија Конференција 2011 (извештај)

Третата годишна конференција на локалните ограноци на Фондацијата Викимедија се одржа од 25 до 27 март 2011 година во Берлин. На конференцијата присуствуваа претставници од Фондацијата, од постоечките локални ограноци и локални ограноци во фаза на формирање, како и активни корисници на проектите на Викимедија. Викимедија Македонија на овогодишната конференција учествуваше за првпат, а како нејзини претставници присуствуваа Димче Грозданоски, и Кирил Симеоновски.

24 март

уреди

Претставниците од Македонија во Берлин пристигнаа вечерта на 24 март со авионски лет од Скопје. Вечерта веднаш после сместувањето, беше искористена за запознавање со останатите учесници на конференцијата и прошетка низ Берлин. Остварени се контакти и разговори со претставници на други локални ограноци во врска со настани поврзани за матичните јазични изданија за Википедија, проектите и проблемите со кои се соочуваме. Најголем дел од контактите беше со претставници од шпанското говорно подрачје, при што беше начнато прашањето на формирањето и признавањето на Викимедија Каталонија.

25 март

уреди

Конференциските сесии се одржуваа во централата на Фондацијата Хајнрих Бел. Растојанието од објектот на сместување и зградата каде се одржуваше конференцијата беше на десетина минути нормално пешачење. Просториите каде се одржуваа конференциските сесии беа одлично средени. Програмата започна со воведниот дел во 10 часот.

По најавата и почетниот говор, следуваше првата сесија која што беше посветена на претставување на локалните ограноци и нивните достигнувања во изминатата година. Претставник од секој локален огранок имаше можност да ги претсави активностите на својот огранок преку усно излагање и/или презентација на слајдови. Претставувањето на локалните ограноци се одвиваше во два дела (првиот и вториот ден) по азбучен редослед. Димче Грозданоски ги претстави активностите на Викимедија Македонија со свое излагање првиот ден од Конференцијата. Општ впечаток е дека подолго постоечките ограноци имаат доста големи проекти, со многу цврста финансиска рамка и остваруваат завидни резултати.

Следуваше првото официјално тематско предавање, коешто се однесуваше на поделбата на одговорностите на различните субјекти во целото движење. Најпрво се напомена дека ова ќе биде расклопено со повеќе предавања и само накратко беа споменати отчетноста и матрицата на одговорности како главни елементи, по што целата дискусија веднаш се пренасочи на критериумите според кои се одредува дали може да се биде локален огранок или не. Со ова, всушност пред сите се отвори прашањето за Викимедија Каталонија и дали може да се одобри постоењето на овој огранок, но се заврши со ставот дека територијално Каталонија се наоѓа во Шпанија, па новоформираната Викимедија Шпанија најдобро би дејствувала на тоа подрачје.

 
Графички приказ на збирните заклучоци од предавањето на Ерик Мелер за уредувачката историја а проектите на Викимедија

Потоа следуваше предавањето на Ерик Мелер за уредувачката историја на проектите на Викимедија. Беа изнесени одлични заклучоци, поткрепени со статистички анализи, а општиот заклучок е дека зголемувањето на бројот на нови и активни корисници, својот врв го им достигнато во 2007 година и оттогаш се одржува на исто ниво или дури и опаѓа. Како главна причина за тоа се посочи фактот дека за разлика од многу други мрежни места, каде што има одговорен администратор за новајлиите, проектите на Викимедија немаат такво нешто, што го отежнува влезот и го намалува интересот. исто така, беше посочен и значителниот пораст на употребата на социјалните мрежи од страна на корисниците. Во приказот за движењето на временските серии на бројот на нови корисници и бројот на задржани корисници во текот на една година, заклучок е дека сите јазични изданија имаат иста слика, освен Википедија на руски каде што јазот е значително помал. Имено, на Википедија на руски постои посебен проект, со кој уредувањата на неискусните корисници не се бришат, туку се испраќаат во посебен именски простор, каде што поискусни корисници им помагаат на понеискусните да се запознаат со начинот на уредување. Приоритетна цел е да се забави стапката на опаѓање и да се воведат мерки со кои ќе се заинтересираат нови корисници.

Во продолжение следуваа две предавања истовремено. Кирил Симеоновски присуствуваше на предавањето кое според насловот требаше да се однесува на прославата од 10-годишнината на Википедија, но текот на дискусијата се пренасочи кон друга тема. Имено накратко се спомена за прославите насекаде низ светот по повод големиот јубилеј, но најмногу време беше посветено на иницијативата на Викимедија Германија, според која Википедија мора да стане светско културно наследство. Сите беа воодушевени, па идејата беше возвишена како нешто генијално, а главната дискусија беше насочена кон следните чекори и совети во насока на остварување на зацртаната цел. Се спомена можната соработка со УНЕСКО и некои други меѓународни институции, но ваквата насока и беше криткувана поради различните цели и специфичноста на „богатството“. На крајот, беше споделен и дел од промотивниот материјал, односно маички со записи од идејата на герански или на англиски.

 
Атмосферата за време на забавата

Последните две предавања првиот ден, исто така се одржаа истовремено. Кирил Симеоновски присуствуваше на предавањето коешто требаше да разреши многу прашања околу подобрувањето на односите меѓу локалните ограноци на Викимедија и самата Фондација. Како предводници на дискусијата беа Бери Њустед и Мушира Еламрави, кои ги воведоа слушателите во долготрајната дискусија преку благодарност за процесот на собирање парични средства. Дискусијата на моменти беше исцрпувачка и навлегуваше во сфери сосема неповрзани со движењето. Се нагласи посредничката улога на комитетот за ограноци и потребата од негова поголема вклученост во доближувањето на односите, но исто така се продолжи и веќе започнатата дискусија за тоа како може дс е стане огранок и како не. Во таа насока, се спомена и хипотетичката можност за формирање на Викимедија САД, како организација која би ги вклучила Викимедија Њујорк и веројатно останатите ограноци кои се во фаза на формирање.

Работниот дел од денот заврши во предвидениот рок, со заклучување на впечатоците и сознанијата стекнати за време на предавањата.

По завршувањето на програмата за овој ден учесниците на конференцијата имаа кратко слободно време, по што следуваше незадолжителната забава во организација на Викимедија Германија, на која имаа можност меѓусебно да се запознат подобро, како и да се запознаат со претставници на локалната Вики-заедница.

26 март

уреди

Вториот ден започна слично како и првиот, а дури и продолжението на конференцијата зпочна идентично, со таа разлика што се претставија преостанатите локални ограноци. Впечатокот е идентичен како од првиот ден, односно постојат различни проекти за чиешто извршување се потребни големи финансиски средства.

 
Атмосферата за време на предавањето за Wiki Loves Monuments

По кратката пауза, следуваа две истовремени предавања. Кирил Симеоновски присуствуваше на она посветено на еден од најновозапочнатите проекти, Wiki Loves Monuments. Предавач беше Лодевијк Гелауф од Холандија, којашто всушност е земјата на потекло на проектот. Накратко беше опишан процесот на спроведување на проектот во Холандија, кој започнал со утврдување на она што може да се смета за нешто од културно зналечење и треба да биде опфатено со проектот. Откако било ова утврдено, следниот чекор бил спроведување на активностите на терен и фоторгафирање на планираните градби и споменици. Особено е важно што се настојувало да се обезбедат што е можно поквалитетни фотографии, па за таа цел биле вложени и средства во поквалитетна опрема, додека оценката на квалитетот подлежел на специјално жири создадено за таа намена. Резултатите навистина беа извонредни, а со предавањето воедно се настојуваше и проширување на истата и во другите земји. Во дискусијата во продолжение најмногу се расправаше околу лиценцеите на кои би подлежеле прибавените фотографии, а меѓудругото со особено внимание се проследи и улогата на Panoramafreiheit, чијашто употреба не е дозволена во некои земји, а на предавањето тоа беше случај најмногу со италија, но и со Франција.

По ручекот, можеби следуваше најинтересниот дел на конференцијата, а тои беа работните групи кои овозможија голем дел од присутните кои дотогаш не учествуваа во другите предавања слободно да го искажат своето мислење. Истовремено се состанаа шест работни групи. Кирил Симеоновски беше присутен на онаа посветена на образованието. Најпрво, многумина од присутните ги опишаа обидите во нивните земји да се воведе концептот за Википедија во образовниот процес. Во тој поглед Викимедија Македонија не заостанува многу, односно дури и е во чекор со другите. Интересно е тоа што, сите се сложија дека Википедија не претставува дело коешто може да послужи како потврда на веродостојноста на податоците во стручните трудови, а тоа е нешто коешто задолжително мора да им се објасни на професорите, кои со негодување гледаат на употребата на Википедија, па дури и ја забрануваат. Впрочем, Википедија служи како добра почетна точка кон обезбедување на податоци од одредена област. Меѓу идеите беше споменато и организирањето на натпревари за уредување во некои земји како начин на кој може да се привлечат нови уредувачи, притоа земајќи ги предвид и последиците од сето тоа.

По завршувањето на работните групи, следуваше заклучување на сите одеднаш преку краток осврт од страна на по еден од присутните на секоја од нив.

За крај на саботниот ден, во програмата беа предвидени уште две предавања, од кои поинтересни беа предавањата поврзани со соработката на Викимедија со секторот GLAM како и начините на кои може да се започне соработка со засегнатите институции. Ова беше предавање, кое го одржа Лиам Вајат. Главниот осврт беше посветен на употребата на Wikimedia Outreach и нејзините содржини како основа за создавање и развивање на начините за пристапување кон слободните содржини во библиотеките, музеите и другите културно-уметнички институции. Се нагласи и употребата на лиценците за слободна документација, како и јавниот домен како начин кој безрезервно може да се употреби за обезбедување на содржини.

Денот заврши повторно со заклучување на впечатоците, а ноќта продолжи со пловидба по реката Шпрее, која беше овозможена благодарение на финансиската помош на Викимедија Франција.

27 март

уреди

Последниот ден од Конференцијата започна вообичаено како и претходните, но имајќи на ум дека распредот на настани е пократок. Се одржаа четири предавања, по две истовремено.

Првото на коешто присустуваше Кирил Симеоновски беше посветено на доделувањето на грантови од страна на Фондацијата на локалните ограноци, како и животниот тек на еден грант и идните развојни перспективи на целиот процес. Предавањето го одржа Асаф Бартов, а беше напоменато дека е од општа корист да се започнуваат проекти и да се бараат средства за нивно остварување од Фондацијата. Со новите измени се спомена формирањето на посебен одбор кој ќе работи на давање мислење и одобрување на доделувањето на парични средства за конкретни проекти, а се изнесе и ветувањето дека временскиот период на чекање ќе биде намален.

 
Групна фотографија на присутните

На паузата следуваше изненадување, а тоа беше прославата од петгодишнината од постоењето на Викимедија Холандија, па сите присутни беа почестени со слатко изненадување. Исто така, слободното време се искористи и за изработка на групна фотографија на присутните.

На последното предавање на Конференцијата се разви интересна дискусија околу начинот на кој може и треба да се стапи во контакт со образовните институции. Се споделија различни искуства и различни мислења, а и присутните од Фондацијата ја искажаа подготвеноста и нивниот план за развој на овие активности во иднина. Дискусијата беше само надополнување на кажаното за време на состанокот на работната група.

Следуваше и последниот дел од конференцијата, во кој сите ги заклучија впечатоците од страна на присутните, а организаторите се заблагодарија на сите кои овозможија Конференцијата да се одржи во најдобар ред, а особоена благодарност му беше искажана на вулканот Ејафјалајекул, којшто не еруптираше оваа година.

Веднаш по завршувањето, делегацијата од Македонија се прошета за последен пат по берлинските улици во убавиот сончев ден, по што се упати кон аеродромот Тегел, за нешто по полноќ да пристигне во Скопје.

Поврзано

уреди

Референци

уреди